НОВОГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МПФ

од ffadmin

Почитувани членови, пријатели и поддржувачи,
Драги љубители на спортот и покерот,

Со особена чест и искрена гордост ви се обраќам на почетокот на новата година, во период кога нашата организација созрева и влегува во својата 15-та година од постоењето. Петнаесет години посветена работа, визија и верба дека и од Македонија може да се гради сериозна, организирана и меѓународно препознаена спортска приказна.

Од самото основање во 2011 година, нашата мисија беше јасна – да го развиваме покерот како спортска дисциплина, базирана на знаење, стратегија, психолошка стабилност и фер-натпревар. Сакам јасно да потенцирам дека активностите на нашата федерација, како на домашен така и на меѓународен план, се суштински различни од она што се случува во казина и во класичните игри на среќа. Овде зборуваме за чисто спортски натпревар, за интелектуално надмудрување, дисциплина и долгорочно планирање – слично како во шахот, доминото, бриџот и други умствени игри, каде што среќата има минимално влијание, а успехот се темели на стратегија, искуство и контрола.

Во изминатите години бевме пионери и визионери. Бевме првата држава во Европа која организираше „Матч покер лига“, модел кој подоцна беше преземен и развиен во повеќе европски и светски земји.

Организацијата на Светското првенство во 2022 година во Гевгелија беше уште една потврда дека знаеме, можеме и сме подготвени да бидеме рамноправен дел од глобалната спортска сцена.

На резултатски план, чекор по чекор градиме стабилност и континуитет. Нашето редовно присуство на светските натпреварувања, како и напредокот на репрезентацијата, се доказ дека вложувањето во систем, а не во краткорочни решенија, е вистинскиот пат. Верувам дека со трпение, дисциплина и заедничка работа, резултатите што сите ги посакуваме ќе дојдат во вистинско време. 

Спортот, а особено умствените спортови, имаат моќ да воспитуваат карактер. Покерот учи на одговорност, самоконтрола, почит кон противникот и способност да се донесуваат рационални одлуки под притисок – вредности кои се применливи и надвор од спортската маса, во секојдневниот живот.

Во ноември оваа година ќе одбележиме значаен јубилеј – 15 години од формирањето на Македонската покер федерација. Тоа нема да биде само повод за прослава, туку и почеток на нова фаза на раст, развој и експанзија. Нашата врата останува отворена за сите кои сакаат да се вклучат, но и понатаму ќе инсистираме на јасни предиспозиции: спортски дух, дисциплина, етика, трпение и почитување на правилата. Само така може да се гради здрава и одржлива заедница.

Гледајќи напред, сум искрен оптимист. Верувам во дијалог, во партнерство и во заедничка работа за унапредување на спортот и демократијата. Го поздравувам повторното воспоставување на советот за соработка меѓу владата и граѓанското општество и убеден сум дека со заемна доверба можеме да создадеме средина во која спортот ќе биде препознаен како вредност, а не како ризик.

За крај, на сите вас ви посакувам добро здравје, мир, љубов и трпение. Нека новата година биде година на мудри одлуки, спортски успех и личен напредок. Бидете дисциплинирани, знајте кога е време да се стане од масата и секогаш играјте фер – во спортот и во животот.

Среќна и успешна Нова година! 

Можеби ќе ви се допадне

Остави Коментар